Македонски железници-Транспорт со новиот возен ред за 2018 година го продолжи попустот на железничките билети за меѓународен сообраќај кон Белград, Ниш, Будимпешта, Љубљана и Загреб. Повратниот билет меѓу Скопје и Белград чини 1.709 денари, додека цената за патување со воз во двата правци кон Ниш чини 849 денари. Воведена е нова дисконтна цена за патување на релацијата Скопје-Будимпешта-Скопје, со повратен билет што чини 3.034 денари.
*Утринскиот експресен воз Белград-Загреб-Љубљана
Со новиот возен ред остануваат да важат и специјалните цени за железничките билети од Скопје кон Загреб и Љубљана. Патувањето со воз на релација Скопје-Загреб-Скопје чини 3.653 денари, додека цената на железничката карта меѓу Скопје и Љубљана во двата правци изнесува 4.643 денари. „За деца се обезбедува дополнителен попуст од 50% од цената на возрасни. Во цената на овие билети не е вклучена резервација за место и кај овие понуди не постои можност за враќање на делумно искористен возен билет“ информираат од Македонски железници-Транспорт.
Важноста на повратните железнички билети е еден месец. Со специјални дисконтни цени се нудат и железничките билети во еден правец од Скопје до Белград, Ниш, Будимпешта, Загреб и Љубљана. Патувањето кон овие релации може да се оствари со експресниот воз, кој поаѓа од Скопје кон Белград секојдневно во 22:19 часот. Од главната железничка станица во Белград, сообраќаат по три воза дневно кон Будимпешта (7:35, 11:25 и 21:40 часот) и два воза дневно кон Загреб и Љубљана (10:25 и 21:15 часот).
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk