Меѓуградскиот такси превоз цвета во Македонија. Наместо да се развива колективниот јавен превоз што штеди енергија и ја штити животната средина, бројот на корисници на такси превозот помеѓу градовите во земјава лани се зголемил за околу 10%. Во извештајот на Државниот завод за статистика за 2013 година се наведува дека во меѓуградскиот такси сообраќај биле превезени 2.398.000 патници, што е за преку 200 илјади повеќе во споредба со 2012 година, кога со такси биле транспортирани 2.156.000 лица. Истовремено, Македонски железници – Транспорт низ градовите во земјава лани превезол 841 илјади патници, што е за неверојатни три пати помалку во споредба со меѓуградскиот такси превоз.
За разлика од растот на бизнисот во меѓуградскиот сообраќај, лани градскиот и приградскиот такси транспорт бележи силен пад од речиси 8 милиони патници. Услугите на овој вид транспорт во македонските градови ги користеле 30.508.000 лица, наспроти бројката од 38.257.000 лица што се превезени во текот на 2012 година. Статистичарите во истражувањето за такси превозот вклучиле 2.531 возило, што е идентична бројка во изминатите две години. Притоа, во оваа бројка не влегуваат дивите таксисти, кои редовно им ги нудат своите услуги на граѓаните во речиси сите македонски градови. Државниот завод за статистика еднаш годишно ги обработува придвижувањата на такси – превозот во Македонија.