Претходна статија
Општина Центар можела да заштеди 8 милиони евра на „Скопје 2014“
Следна статија
МЖ - Транспорт руши неславни рекорди во превозот на стока и патници

Со мерки за енергетска ефикасност, државата очекува заштеда од 13 милиони евра годишно

Објавено на 29.11.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Со инвестиција од 96 милиони евра, кои се најавува дека делумно би биле обезбедени од буџетот, а делумно од грантови и поволни кредити, ќе се спроведуваат мерки за енергетска ефикасност во јавните институции, со кои државата очекува годишна заштеда на енергија во висина од 13 милиони евра. Овие информации беа изнесени од страна на министерот за економија Ваљон Сарачини, на денешното отворање на тридневната работилница „Енергетска ефикасност и промена на енергетскиот пазар“ која се одржува во Маврово. За 2.441 јавни објекти низ државава во моментов се трошат над 40 милиони евра годишно за електрична енергија, мазут и други енергенси.

 

Целта на работилницата во Маврово е да се сублимираат досегашните ефекти од активностите кои се спроведоа, а се зацртани во Платформата за енергетска ефикасност „Размисли и заштеди” која министерството за економија и ЕВН Македонија заеднички започнаа да ја реализираат минатата година, како и идните активности и регулативата со чие носење ќе се стимулира и зголеми рационалното користење на електричната енергија.

 

Министерот Сараќини се осврна и на состојбата со потрошувачката на електрична енергија во приватниот сектор и домаќинствата. „Освен нови инвестиции во производство неопходно е и поголема рационализација на потрошувачката. Токму затоа примената на енергетската ефикасност во домаќинствата и компаниите е клучна за обезбедување на енергетска стабилност на долг рок што би значело помалку трошоци, а за компаниите повеќе слободни средства кои ќе можат да се пренасочат во развојни цели”, потенцираше Сараќини додавајќи дека на тој начин компаниите ќе ја зголемат продуктивноста, ефикасноста и конкурентноста, а со тоа ќе обезбедат услови и за отворање на нови работни места.

 

Министерството за економија во овој правец донесе два подзаконски акти – Правилникот за енергетски карактеристики на зградите и Правилникот за енергетска контрола, а Агенцијата за енергетика ги донесе Програмата за обука и полагање на испити за енергетски контролори и тарифниците со кои се одредуваат максималните висини на надоместоците што ќе се наплаќаат при спроведување на обуки и испити за енергетски контролори, како и максималната висина на надоместоците за спроведување на енергетски контроли.