Претходна статија
Почна изградбата на телекомуникациската кула на Водно
Следна статија
Пресечена лентата за новата зграда на Јавното обвинителство

Со кредит од кинеската Ексим банка ќе се градат автопатите Скопје – Штип и Кичево – Охрид

Објавено на 10.10.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска излегоа со подробни информации за изградбата на двата планирани автопати – од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид. На денешната седница на владата се усвоени законите за реализација на овие проекти. Одлучено е изградбата на автопатот Скопје (Миладиновци) – Свети Николе – Штип и автопатот Кичево – Охрид да се финансира преку кредит од кинеската Ексим банка, со рок на отплата од 20 години, пет години грејс период и каматна стапка од 2 процентни поени.

 

Трасата на планираниот автопат Миладиновци - Штип
* Трасата на планираниот автопат Миладиновци – Штип

 

 

Вкупната инвестиција во двата автопати ќе изнесува 580 милиони евра, од кои 374 милиони ќе бидат наменети за поврзување на Кичево со Охрид, додека 206 милиони евра ќе се искористат за поврзување на Скопје со Штип. Со кинескиот кредит ќе биде затворена 90% од финансиската конструкција, додека преостанатите средства ќе бидат обезбедени од државниот буџет. Македонската влада на денешната седница ги донесе законите за реализација на инфраструктурните објекти за автопатските делници и предлог – договорите со градежната компанија.

 

Во согласност со објавените одредби, главниот изведувач на градежните активности ќе биде должен да ангажира подизведувачи од земјава за најмалку 49% од предвидените работи, но и да набави минимум 49% од градежните материјали од Македонија. Барем 51% од ангажираните градежни работници на градилиштата треба да бидат македонски државјани. Според министрите Пешевски и Јанакиески, изградбата на двата автопати во наредните четири години ќе отвори нови работни места за македонските граѓани и ќе овозможи склучување нови зделки за домашните градежни компании.

 

Постоечкиот магистрален пат Кичево - Охрид
* Постоечкиот магистрален пат Кичево – Охрид

 

 

Министерот Миле Јанакиески соопшти дека автопатот Миладиновци – Штип преку Свети Николе ќе биде во должина од 53 километри, со ширина од 29 метри, поточно ќе има по две коловозни ленти во двата правци и по една дополнителна лента за застанување. Рокот за изведба на овој автопат изнесува три години. Автопатската делница Кичево – Охрид ќе биде во должина од 56,7 километри, со ширина од 27,5 метри и со по две коловозни ленти во двата правци. За неговата изградба е предвиден временски период од 45 месеци.