Возниот парк на Македонски железници – Транспорт ќе се модернизира со три нови електрични локомотиви преку кредит од Европската банка за обнова и развој. Според објавените податоци од ЕБОР, тендерската постапка се очекува да започне во вториот квартал од 2016 година. Во насока на набавка на новите локомотиви, досегашниот заем од оваа финансиска институција е зголемен од досегашните 50 на вкупно 59 милиони евра. Тендерската постапка ќе се организира во согласност со правилата на ЕБОР и ќе биде отворена за производители од било која земја. Електричните локомотиви е предвидено да сообраќаат на пругата од паневропскиот Коридор 10.
Со идната набавка е предвидено дополнително да се обнови возниот парк, кој во моментов се состои од локомотиви стари и преку половина век. Во функција на обнова на железницата, со подигнатиот кредит од ЕБОР досега се купија шест дизел и електро моторни гарнитури од Кина и 150 товарни вагони од Словачка. Со финансиски средства од оваа банкарска институција, Македонски железници – Транспорт пред две години објави тендер за реконструкција на три електрични локомотиви.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk