Охрид и Куманово се последните локални самоуправи за кои Владата донесе одлука дека ги исполнуваат законските услови за префрлање на ингеренциите за управување со градежното неизградено земјиште. По изминати речиси 14 месеци од предвидениот официјален рок, информациите од Министерството за транспорт и врски покажуваат дека само 39 локални самоуправи од вкупно 84 ги исполниле неопходните критериуми со кои би им се овозможило да отуѓуваат градежни парцели или пак истите да ги даваат под закуп.
Интересот за имплементирање на условите пропишани во Законот за градежно земјиште е присутен единствено кај општините, на чија територија постојат локации кои се атрактивни за продажба и за кои би можело да се постигнат високи цени на наддавањата. Остварените финансиски приходи од досега одржаните лицитации стојат зад ваквата констатација. Само од последната продажба на земјиштето во поранешната касарна „Стив Наумов“ во средината на март годинава, општина Битола оствари приходи од речиси 735.000 евра. Слично на Битола, локалната власт од Гевгелија пред три недели успеа да отуѓи две градежни парцели кај граничниот премин „Богородица“ за сума од преку 400.000 евра.
Почетниот успех со продажбата на локациите ги стимулираше властите од Битола да вложат средства во платени огласи во медиумите за претстојните лицитации, уште еден иновативен чекор што не им оди во прилог на помалите општини кои имаат значително помали буџети. Сепак, најголемиот проблем за нив останува исполнувањето на четирите критериуми за префрлање на државното земјиште: да имаат изготвено и усвоено едногодишна програма за работа во областа на располагањето на земјиштето, да имаат потребен број на вработени лица кои поседуваат адекватно овластување, да имаат формирано Комисија за спроведување на постапки за јавно наддавање и да имаат воспоставено електронски систем за јавно наддавање на градежното земјиште во сопственост на Република Македонија.
Ако се земе во предвид фактот дека од почетокот на годинава до денеска 25 локални самоуправи успешно го заокружија преземањето на неизградените градежни парцели, тогаш речиси е сигурно дека се потребни дополнителни владини мерки за стимулирање на помалите и на незаинтересираните општини, со цел успешно да се заврши започнатиот процес во разумен временски рок.