Општина Берово ја заврши реализацијата на проектот „Градење инфраструктура за одржлив развој на туризмот“, со чија помош се изгради неопходната филтер станица за прочистување на водата за пиење на туристичкиот локалитет кај Беровското езеро. Во партнерство со бугарската општина Сандански, инфраструктурниот зафат е изграден по пат на кофинансирање од Европската Унија преку ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија. Обезбедувањето на питка вода за пиење на посетителите на Беровското езеро беше овозможено со обезбедените средства за зафатот во износ од 250.000 евра.
Завршениот проект со средствата од ЕУ претставува најава за претстојните зафати што ќе се реализираат во регионот на Берово во наредниот период. Во Берово ќе се обезбеди техничка документација за изградба на колекторски систем во три неселени места од регионот. Министерството за локална самоуправа преку програмата за рамномерен регионален развој во моментов во Источниот плански регион реализира 12 инфраструктурни проекти во вредност од 35 милиони денари, информираат од Општина Берово.