Претходна статија
Екологистите бараат Македонија да престане со употреба на фосилните горива
Следна статија
ФЕЉТОН: Генералниот план за Скопје во 1981 година - град со максимум 350.000 жители (6)

Со европски пари ќе се гради пречистителната станица за отпадни води во Скопје

Објавено на 28.10.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Македонската влада на вчерашната седница ја усвои информацијата за покренување иницијатива за задолжување за проектот „Пречистителна станица за отпадни води Скопје“, соопштија од владината прес-служба. Владата го задолжи министерот за финансии да ја извести Делегацијата на ЕУ во Скопје дека Владата на Република Македонија ја започнала постапката за обезбедување финансиски средства за овој инфраструктурен објект. Министерството за финансии и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе треба да достават барање до Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициона банка и КфВ банката за доставување на заедничка понуда за финансирање на проектот.

 

 

Пречистителната станица за отпадни води е еден од капиталните проекти што треба да се градат во македонскиот главен град. Самиот објект ќе треба да опслужува вкупно 600.000 жители од Скопскиот регион. Пред шест месеци, француската консултантска куќа „ЕГИС Еау“ ја изработи физибилити студијата за отпадни води во Скопје. Изработката на овој значаен документ беше финансирана со 729.000 евра од страна на Фондот за студии и помош во приватниот сектор – ФАСЕП и Владата на Република Франција. Вчерашното барање за европска помош усвоено од македонската влада е очекувано, ако се земе предвид фактот дека пречистителната станица е проценето дека ќе чини десетици милиони евра.

 

Македонската влада на вчерашната седница ја усвои информацијата за склучување билатерален договор за ко-финансирање на проектот „Подобрување на инфраструктурата за собирање на отпадни води за градот Скопје“. Овој договор е предвидено да се склучи помеѓу Европската комисија и Владата на Република Македонија. Проектот за собирање на отпадните води во главниот град е започнат пред повеќе од седум години, иако ветувањето е многу постаро.

 

Годинава беа пуштени во употреба двете пречистителни станици за отпадни води во западните делови на Скопје – објектите „Волково“ и „Треска“. Сепак, планираниот систем за пречистителни станици за отпадни води не е довршен. Во наредниот период ќе треба да се гради идентичен ваков објект за населбата Драчево, додека големата пречистителна станица ќе треба да се изведе во близина на скопското село Трубарево.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk