Претходна статија
Кавадарци ќе го решава проблемот со паркирање
Следна статија
Фабриката Карпош прослави јубилеј од основањето

Словачки „ЖОС Трнава“ ќе произведе 150 товарни вагони за МЖ – Транспорт

Објавено на 18.12.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Директорот на Македонски железници – Транспорт Оливер Деркоски денеска го потпиша договорот за купување на 150 товарни вагони што ќе го подобрат возниот парк на нашата железница. Вагоните ќе ги изработи словачката компанија „ЖОС Трнава“, на која ќе и бидат исплатени 13.208.750 евра. МЖ – Транспорт со набавката ќе добие 75 отворени вагони и исто толку плато вагони. Првите се наменети за превоз на растресита стока како руда и јаглен, додека плато вагоните конечно ќе овозможат транспорт на контејнери и производи од металната индустрија. Со оглед на фактот што е избрана најниската понуда за набавка на товарните вагони со првична предвидена вредност од 15 милиони евра, со преостанатите пари ќе се купат уште 20 нови вагони.

 

 

 

Покрај модернизацијата на транспортот на стоки, предвидено е да се купат и шест нови моторни гарнитури за превоз на патници. Според директорот Деркоски, целиот процес на купување на патничките возови треба да заврши до пролетта 2015 година. Конкретни податоци за текот на постапката за набавка на гарнитурите денеска не се објавија. Согласно предвидената динамика во тендерската документација за набавката, првата пратка од 10 вагони треба да пристигне за 40 недели од почетокот на важењето на договорот, по што следи динамика на испорака на секои четири недели за преостанатите вагони. Испораката на сите 150 товарни вагони се очекува да се комплетира во рок од 52 недели.

 

Меѓународниот тендер за купување на вагони за превоз на стока беше објавен на средината на јули годинава. Финансиските средства за реализација на овој проект се обезбедени преку кредит во висина од 50 милиони евра, одобрен од Европската банка за обнова и развој. Македонски железници – Транспорт во моментов располага со 950 товарни вагони во возна состојба.