Денес беше поставен камен – темелник на новата технолошко – индустриска развојна зона „Кичево“. На вкупна површина од 29,5 хектари, во наредните месеци ќе се уредува просторот на кој се очекува да се лоцираат странски директни инвестиции, воглавно во областа на производствените и услужните дејности. ТИРЗ „Кичево“ ќе се развива во две фази, при што во првата етапа ќе се уредат 13,5 хектари на кои е планирано да се изградат девет индустриски објекти во катастарската општина Србјани. Вториот опфат се протега на 16 хектари во општина Кичево. Проектот предвидува изградба на приклучна инфраструктура кон патот Кичево – Македонски брод и на административен објект во кој ќе биде сместен Царинскиот терминал.
„Досега вакви зони се изградени и веќе функционираат во околината на Скопје и Штип. Планирано е да се градат во Тетово, Ранковце, Струга, Прилеп, Гевгелија и тука во Кичево, а наскоро ќе се основаат ТИРЗ во Струмица и Радовиш. Со тоа се покриваат многу деловни подрачја на нашата држава кои се во релативна близина на поголемите градови и најблиските аеродроми, пристаништа и патишта“, истакна во својот говор премиерот Груевски. Според вицепремиерот Владимир Пешевски, досега за изградба на зоните се издвоени 300 милиони евра. Денеска започнатата зона е петта по ред, а владата планира вкупно 11 технолошко – индустриски развојни зони низ целата земја.