Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска изјави дека изградбата на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, со должина од 34 километри, ќе започне во 2018 година. Проектната документација за втората фаза од пругата кон Бугарија е завршена, а тендерската постапка е започната. Во наредниот период треба да се избере најповолен понудувач што ќе ги изведува градежните работи. Оваа железничка пруга е предвидено да се изгради до крајот на 2021 година.
*Недовршената пруга од Бељаковце до Крива Паланка
Нашата земја уште пред четири години доби заем во висина од 145 милиони евра за финансирање на изградбата на пругата Бељаковце – Крива Паланка. Износот на овој заем се намалува за 68,6 милиони евра, колку што изнесува одобрениот неповратен грант во рамките на „Конективити“ агендата од Берлинскиот процес. Овој грант беше доделен на Македонија за време на Самитот на земјите од Западниот Балкан во Трст.
Во меѓувреме, германската компанија „Вибе“ треба да ја доврши изградбата на првата фаза од пругата кон Бугарија, на потегот од Куманово до селото Бељаковце. Со изведбата на оваа пруга во должина од 30,8 километри, до 2021 година ќе се овозможи железничко поврзување на Крива Паланка и на центарот на Куманово со македонскиот главен град.
» Форумска дискусија за железничкиот Коридор 8