Претходна статија
Аплицирањето за „Купи куќа, купи стан“ ќе се врши до 31 октомври 2012 година
Следна статија
Во кумановско продадени над 50 хектари за изградба на индустриски објекти

Сламените бали, градежен материјал кој повторно го освојува светот

Објавено на 16.05.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Со работилницата за изработка на ѕид од сламени бали, проекцијата на документарниот филм „Сламени глави“ од Хајди Шнел и со отворената дискусија околу изградбата на објекти со употреба на сламените бали, заврши дводневната манифестација за запознавање и популаризација на овој природен и еколошки градежен материјал во нашата земја. Во присуство на стотина студенти, архитекти и заинтересирани граѓани, беше претставен историјатот на подигањето на зданија со сламени бали во меѓународни рамки, а присутните можеа подетално да се запознаат со методите и техниките на градба со овој природен материјал и преку одржаната изложба во холот на Архитектонскиот факултет. Централниот настан се одржа во текот на вчерашниот ден, кога со свое предавање се обрати Сиси Хајн, како претставничка на германската асоцијација за градба со сламени бали „ФАСБА“.

 

ИзложбаРаботилницаРаботилница

 

 

Во својот говор таа се осврна на почетоците на градењето со сламени бали. Модерниот пристап во употребата на сламата како материјал влече корени од сојузната држава Небраска во Соединетите Американски Држави, каде градителите на иновативен начин, при крајот на 19 и почетокот на 20 век, го решиле проблемот со недостиг на дрва за подигање на куќи за живеење. На тлото на Европа, најстарата градба од овој тип е реализирана во Франција во 1921 година, иако откритието на ваквиот податок се случило дури пред 12 години. „Во 90 – тите години на 20 век доаѓа до повторно откривање на градењето со сламени бали“, напомена во предавањето Сиси Хајн.

 

Податоците кои доаѓаат од европскиот континент покажуваат дека првата општа дозвола за градење со сламени бали е издадена во 2006 година, по што започна поинтензивната изградба на куќи со ваков градежен материјал. За брзиот развиток и големата заинтересираност на граѓаните за одржливата архитектура од овој тип, говори и информацијата дека во 2011 година во Германија се основа посебна програма за градење со сламени бали за занаетчиите кои сакаат да работат во дејноста. Во оваа европска земја веќе се изградени неколку училишта, градинки, објекти на локални самоуправи, па дури и спортска сала од оваа состојка која претставува нус – производ на житото. Наредната 2013 година го носи големиот предизвик пред кој се наоѓа техниката на градителство и иноваторите од оваа дејност, бидејќи е планирано да се комплетира изведбата на куќа на пет ката, за што во моментов се работи на добивање официјална дозвола од германските власти.

 

###

 

 

Гостинката од Германија во своето предавање се задржа на карактеристиките на сламените бали во случај на пожар, земјотрес, заштита на топлина, но и поставување на инсталации за вода и струја во домаќинствата. Во големата низа на спроведени тестирања во Германија и другите европски држави се покажало дека овој градежен материјал може да издржи висока температура при појава на пожар во времетраење од 30 минути, а последните истражувања откриваат дека балите од слама можат да превенираат пожар при температура од 1.100 степени во период од 90 минути. Во трусните подрачја од светот, сламените бали се покажале како сигурен материјал при земјотреси, а како показател во оваа насока е и големиот број на подигнати училишта и општински згради во Кина, во региони каде е честа појавата на земјотреси.

 

###

 

 

Нивната главна слабост при реализацијата на објекти е опасноста од вода и влага при подигањето на самите објекти и нивната натамошна употреба. Наспроти ова, куќите изградени од сламени бали се завршуваат во пократок временски период во споредба со стандардната градба, но и нивната финансиска конструкција за европски услови е поприлично евтина. Како и кај целокупната одржлива архитектура, подигањето на објекти со ваков градежен материјал дозволува креирање на интересен и авангарден дизајн, во чие остварување може да се вклучат не само професионалните и стручни лица, туку и секое заинтересирано лице на темата. И најважното за животната средина, сламените бали врзуваат многу повеќе јаглерод диоксид отколку што го ослободуваат во атмосферата.

 

Возбудливото предавање побуди бројни прашања кои развија дебата во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет. Се пројави интерес за останатите пропратни градежни состојки што се употребуваат при изградбата на вакви објекти, како и за нивната носечка конструкција, а се говореше и за начините на изградба со сламени бали. Како организатор на дводневниот настан се јавува граѓанската организација Зелената арка во соработка со Гете институтот, Архитектонскиот факултет и Друштвото за македонско германско пријателство и соработка Скопје.