Македонската влада се одлучи на трета по ред промена на крајниот рок за доставување на понудите од заинтересираните инвеститори за реализација на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“. Поради слабиот интерес од компаниите, крајниот рок е продолжен до 15 април 2013 година, иако првичниот рок од 22 декември веќе еднаш се пролонгираше за 3 јануари 2013 година. Моменталниот исход од јавниот повик е неочекуван, бидејќи со последната објава се направија значителни измени во условите за доделување на концесијата за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрани на системот Црна Река. Според информациите од Министерството за животна средина и просторно планирање, досега само македонската „Балкан Енерџи Груп“ и грчката компанија „Паблик Пауер Корпорејшн“ подигнале документација и пројавиле заинтересираност за доставување понуди на јавниот повик.
Актуелниот оглас е со поповолни критериуми за идните инвеститори во двата енергетски објекта. Проектираната моќност на хидроелектраната „Чебрен“ е намалена од првичните 347 мегавати на инсталиран капацитет помеѓу 315 и 333 мегавати, при што оставена е можност за пониска брана од досега предвидените 192,5 метри. Промена е извршена и кај предвидената моќност на ХЕ „Галиште“, за која е наведено дека треба да се движи во рамки од 185 до 197 мегавати. Дополнителен стимул за енергетските компании е и доделувањето на постоечката хидроелектрана „Тиквеш“ на управување во период од 52 години, чие производство на електрична енергија уште на почетокот ќе може да го продава најповолниот понудувач на тендерот.
По целосната изградба на објектите за производство на електрична енергија од водите на Црна Река, приватниот партнер во проектот ќе треба да отстапи најмалку 39 отсто од акциите на идната компанија на државната ЕЛЕМ, со која што тие заедно ќе раководат со трите хидроелектрани. Инвеститорот во овој проект ќе може да ја продава електричната енергија по пазарни цени на домашниот и на меѓународниот пазар, при што ЕЛЕМ истата ќе ја купува по цена од 25 евра по мегават – час. Сегашната објава за реализација на долгонајавуваните хидроелектрани „Чебрен“ и „Галиште“ е осма по ред во изминативе неколку години, а за прв пат истата ја спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање.