Советот на град Скопје денеска донесе Одлука за поништување на веќе донесената одлука за воспоставување на јавно – приватно партнерство за изградба на трамвај во Скопје. Потрагата по приватен инвеститор за изградба на трамвајски систем во главниот град заврши неуспешно по втор пат, иако од Град Скопје информираат дека тендерската документација ја подигнале 13 фирми. Сепак, ниту една од нив не доставила понуда за реализација на капиталниот проект во вредност од 243 милиони евра. Скопскиот градоначалник Коце Трајановски најави дека не се откажува од трамвајот, но истовремено најавува дека ќе го стави овој проект во мирување.
Првиот човек на Град Скопје денеска не кажа дали ќе има нов тендер за изградба на скопскиот трамвај, или пак ќе се бара друг извор на финансирање. Тој вели дека ова прашање е отворено, дека нема да се затвори, но ќе се почека на странска компанија што би се заинтересирала за изведба на овој алтернативен јавен превоз. Конкретни временски периоди за реализација на трамвајскиот систем не се соопштуваат, иако првичните рокови за отпочнување на градителскиот проект се одамна пробиени.
Во согласност со проектната документација, најпрво би се градела трамвајската линија со број 1, со предвидена должина од 12,1 километри. Покрај изведбата на шинската мрежа, на потегот од Ѓорче Петров до Ново Лисиче треба да сообраќаат и минимум 22 трамвајски возила.
Текст, фото: Бојан Блажевски