Претходна статија
Зоолошката градина во Битола ќе добие нов лик
Следна статија
Се готви уште една катна гаража во стилот на „Скопје 2014“

Скопскиот аеродром ќе добие приклучок за гас

Објавено на 23.04.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Аеродром „Александар Велики“Склучен е договор за изградба на линиски дел од гасоводот за приклучување на скопскиот аеродром „Александар Велики“. Јавното претпријатие „Гама“ ја избра компанијата „Ел-Те Инженеринг“ за изведување на активностите на терен, при што вкупната вредност на планираниот зафат изнесува 111.263.273 денари или нешто над 1,8 милиони евра. Договорот предвидува комплетирање на работите по системот „клуч на рака“, а покрај аеродромот ќе се приклучат и Логистичкиот центар и Пекабеско. Најповолниот понудувач на тендерот во наредните шест месеци ќе треба да ги заврши целокупните машинско – монтажни, градежни и електро работи, како и работите на катодна заштита. Првите количини на гас би требало да се испорачаат за аеродромот во Скопје по завршувањето на приклучокот, кој временски може да се очекува кон крајот на октомври годинава. Засега нема дополнителни информации за овој проект од страна на ТАВ или пак од јавното претпријатие.

 

За приклучување кон преносниот систем на природен гас е потребно да се достави барање од страна на секој субјект кон „Гама“, потоа следува дефинирање на техничките услови и отпочнува самата постапка на изведба на инфраструктурата во согласност со Мрежните правила и постоечката законска регулатива. Скопскиот аеродром е еден од позначајните стратешки објекти во земјава кој по подолго време ќе биде приклучен на веќе изградениот гасовод. Македонската влада неодамна одлучи да ја поврзе ТЕ „Неготино“ преку гасоводен правец во должина од 96 километри, со што ќе се надмине актуелната неискористеност на магистралниот гасовод.