„Камфуд“ планира да гради хотел со пет ѕвезди на охридското крајбрежје. Скопската компанија за таа цел ги купи зградите на поранешната детска болница во близина на хотелот „Гранит“ за 1,2 милиони евра. Недвижниот имот е продаден од страна на охридската локална самоуправа, која нагласува дека е достигната четири пати повисока цена од почетната цена на наддавањето. „Камфуд“ допрва треба да се договори со општина Охрид за купување на земјиштето околу објектите на детската болница. Од Општината најавуваат дека и понатаму ќе продолжат со отуѓувањето на градежни парцели што се наоѓаат покрај Охридското езеро. Оттаму наведуваат дека тие ја определуваат намената на идните објекти, кои треба да се градат во интерес на идниот развој на градот.