Претходна статија
Ново основно училиште во скопски Чаир
Следна статија
Карпош сака да гради катна гаража кај СЦ „Борис Трајковски“

Скопски „Енергосистем“ ќе работи на проектот за топлификација на Битола

Објавено на 21.11.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) ја започна подготовката на проектната документација за изградба на топлификационен систем во Битола, Могила и Новаци. Компанијата „Енергосистем“ од Скопје до втората половина на 2014 година треба да го изработи проектот за инфраструктура за транспортен вреловод и вреловодна дистрибутивна мрежа. Исто така, ќе бидат изготвени основни проекти за изградба на транспортен вреловод, примарна и секундарна мрежа, локални предавателни пумпно – топлински станици за населбите Новаци и Логоварди и локална примопредавателна пумпно топлинска станица за потребите на земјоделските оранжерии. До крајот на јуни наредната година ќе биде завршен и основниот проект за изградба на вреловодна станица во РЕК „Битола“ со моќност од над 200 мегавати топлинска енергија, се вели во денешното соопштение на ЕЛЕМ.

 

Во рамките на инвестицискиот зафат за топлификација на Битола, веќе е изведена реконструкција на турбините на два термоблока во РЕК „Битола“ во вкупна вредност од 4 милиони евра. Во текот на модернизацијата на енергетскиот комплекс, во двата термоблока целосно е овозможено регулираното одземање на пареа. Со цел да се анализира оправданоста на изградбата на централен топлификационен систем изготвена е и техно – економска студија за избор и концепција на централен топлификационен систем базиран на топлинска енергија од РЕК „Битола“, документ изработен од хрватската компанија „Еконерг“ од Загреб.

 

Вкупниот износ на првата фаза од инвестицијата за изградба на топлификациона мрежа во битолскиот регион изнесува 66.650.000 евра. Дел од овие средства би се добиле преку заем во износ од 57 милиони евра, за што германската „KfW“ банка веќе изрази подготвеност за соработка, додека останатите средства ќе ги обезбеди ЕЛЕМ. Очекувањата се дека овој проект ќе се реализира во наредните неколку години, со што Битола повторно би добила топлификационен систем за греење кој беше укинат пред неколку години.