Првите три месеци од 2015 година носат позитивни финансиски резултати од работењето на градежната компанија „Бетон“ од Скопје. Според консолидираниот и неревидиран финансиски извештај објавен на веб – страницата на Македонска берза, сеопфатната добивка во периодот јануари – март 2015 година достигнала 19.428.000 денари, што е за 8% повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Оперативните приходи од изведбата на градежни проекти и од останатите извори на приходи се намалиле за 11% – во извештајниот период тие изнесуваат 497.610.000 денари.
Оперативните расходи на компанијата „Бетон“ од Скопје во периодот јануари – март 2015 година изнесувале 529.708.000 денари, што претставува намалување од 26% во однос на истиот период лани. Овој гигант од македонскиот градежен сектор изминативе години во континуитет бележи позитивен исход од работењето. Лани, компанијата оствари профит поголем за 44% во споредба со 2013 година.