Градежната компанија „Бетон“ од Скопје остварила намалена добивка од работењето во првите три месеци од 2018 година. Остварениот профит е заокружен на 2.384.737 денари, што е за околу 500.000 денари помалку во однос на истиот период од минатата година. Како што се наведува во неконсолидираниот и неревидиран финансиски извештај, скопски „Бетон“ заклучно со март 2018 година остварил вкупни приходи во висина од 272.469.491 денари и истите се незначително зголемени во споредба со идентичниот период лани.
Остварените вкупни расходи на компанијата „Бетон“ од Скопје во периодот јануари-март 2018 година изнесуваат 270.084.754 денари и бележат зголемување во споредба со расходите од првите три месеци од 2017 година. Оваа градежна компанија ја заврши минатата година со добивка во висина од над 32,9 милиони денари.