„Бетон“ од Скопје го објави деловниот план за резултатите од работењето во 2013 година. Според изготвената прогноза на оваа компанија, планираната добивка на македонскиот гигант во градежниот сектор на крајот од годината треба да изнесува 42.625.310 денари или околу 700 илјади евра. Севкупните приходи од зделките што фирмата ги изведува на домашниот и на странскиот пазар ќе изнесуваат 2.460.021.600 денари или речиси 40 милиони евра, додека вкупните расходи за суровини, материјали, услуги, амортизација, бруто плата на вработените, финансирање и останати трошоци ќе се заокружат на 2.417.396.290 денари или нешто над 39,2 милиони евра.
Во согласност со првичниот неконсолидиран и неревидиран извештај објавен на интернет – страницата на Македонската берза, „Бетон“ од Скопје минатата година ја заврши со добивка од 44.661.000 денари или околу 725 илјади евра. Севкупниот приход од ангажирањето на градежната оператива на компанијата е остварен од реализирани проекти на домашниот пазар.