Претходна статија
Иновативните подземни контејнери пристигнуваат и во Скопје
Следна статија
Напредува изградбата на трговскиот центар на „Еуроиталиа“ во Петровец

Скопски „Бетон“ ќе ја догради катната гаража кај „Беко“

Објавено на 06.12.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градските власти на метрополата потпишаа договор со компанијата „Бетон“ од Скопје за довршување на градежните активности на катната гаража, која што повеќе од една и пол година се гради спроти полициската станица „Беко“ во строгиот центар [»мапа]. Во кусото соопштение од Градот не е наведена висината на финансиските средства што треба да се одвојат за завршување на неопходните работи на терен, ниту пак временскиот период за нивна реализација. Скопското градежно претпријатие е второрангирано на тендерот за избор на најповолен понудувач за изградба на инфраструктурниот објект, кој беше распишан во пролетните месеци од 2011 година и на кој пристигнаа три понуди. Локалната власт претходно го раскина договорот со сплитската фирма „Конструктор инженеринг“ поради неисполнување на предвидените рокови за изградба на катната гаража.

 

 

 

 

Камен – темелникот на овој објект беше поставен кон крајот мај 2011 година и ветувањата на скопскиот градоначалник Коце Трајановски беа дека целокупната изградба треба да заврши за најмногу две години. Проценетата вредност на проектот изнесува над 850 милиони денари или околу 14 милиони евра, но извесно е дека со склучувањето на договорот со второрангираната компанија на тендерот ќе треба да се одвојат дополнителни финансиски средства за довршување на објектот. За реализација на проектот, Градот Скопје подигна кредит од НЛБ Тутунска банка во висина од 8,5 милиони евра, кој треба да се врати во период од 10 години.

 

 

 

 

Катната гаража со висина од 23 метри се гради на површина од 3.070 метри квадратни и е планирано да се состои од две подземни и седум надземни нивоа, при што приземјето и првиот кат се предвидени за деловно – трговска намена, а капацитетот за паркирање ќе изнесува 605 возила и 120 велосипеди. Покрај самиот објект, компанијата „Бетон“ од Скопје треба да ја изведе и подземната пристапна сообраќајница до идниот простор за паркирање.