Службата за општи и заеднички работи на Владата потпиша договор со компанијата „Бетон“ од Скопје за изградба на подземна гаража на две нивоа под платото кај објектот на Македонската опера и балет, со што постоечкиот подземен паркинг ќе се прошири со нови над 350 паркинг места. Објектот ќе се изведува на градежна парцела со големина од 10.885 метри квадратни, а бруто развиената површина на идната гаража изнесува 21.770 метри квадратни. Со урбанистичкиот план е предвидено сообраќајниот пристап да биде олеснет и со новопроектирана подземна улица, која ќе се почнува од булеварот Гоце Делчев и ќе минува под постоечкиот празен простор меѓу објектот на Македонската филхармонија во изградба и музичко – балетскиот училишен центар „Илија Николовски – Луј“.
Во согласност со склучениот договор, подземната гаража е планирано да се изгради во рок од 12 месеци, поточно до септември 2013 година. За извршување на градежните активности на компанијата „Бетон“ ќе и бидат исплатени 572.017.215 денари или околу 9,3 милиони евра. Владината инвестиција предвидува постоечкиот подземен паркинг простор да се замени со ново гаражирање на две нивоа, во насока на задоволување на потребите за паркирање на околните државни институции, чии објекти од проектот „Скопје 2014“ во моментов се градат на таа локација.