Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, амбасадорот на Република Франција во нашата земја Христијан Тимоние и претставникот на компанијата „ЕЖИС“ Мирослав Влахов денеска потпишаа анекс на Меморандумот на разбирање за студијата за финансирање, изградба и работа на Централната станица за третман на отпадни води за град Скопје. Со потпишувањето на овој анекс се одредува временската рамка за преостанатите активности и зголемувањето на грантот за финансирање на овој проект.
*Извор на фотографија: Град Скопје
Министерот Садула Дураки изјави дека капиталниот инфраструктурен објект за Скопје ќе чини 120 милиони евра, a договорот за неговата изградба треба да се склучи најдоцна до 2020 година. Градоначалникот Петре Шилегов истакна дека со пречистителната станица ќе се врши контрола и третман на водата што се испушта во реката Вардар. Со проектот ќе се влијае на заштитата на подземните води во Скопската котлина, но и на целокупната животна средина во градот.
Градоначалникот Шилегов ја објасни и претстојната фаза од реализацијата на овој капитален проект. „Со потпишувањето на овој Анекс на Меморандумот се одредува временската рамка за преостанатите активности и зголемувањето на грантот за финансирање на овој проект. Владата на Република Франција обезбеди дополнителни 197.863 евра, со што вкупниот износ на грантот сега изнесува 927.182 евра“ изјави градоначалникот Петре Шилегов.
За амбасадорот Христијан Тимоние, пак, потпишувањето на овој документ обезбедува континуитет на напорите од 2014 година за реализација на овој амбициозен проект и е доказ за капацитетите на Владата на Република Македонија и на Град Скопје за добра соработка и решавање на најсуштинските проблеми на граѓаните.