„СКОПЈЕ – СВЕТСКОТО КОПИЛЕ: Архитектурата на поделениот град“ е насловот на новата монографија која на 10 мај, во Музејот на град Скопје ќе доживее своја промоција. Автори на проектот се архитектите Милан Мијалковиќ и Катарина Урбанек кои живеат и работат во Виена. Англиската верзија на книгата е веќе издадена во Австрија од страна на „Wieser Verlag, Klagenfurt/Celovec“.
Самата промоција ќе биде проследена со дебата, инспирирана од тезите на авторите, а со цел да се развие широка дискусија во јавноста врз нивна база.
Во прилог следи извадок од најавата од страна на издавачката куќа „Готен“ која стои зад изданијата на македонски и албански јазик.
Новата визија и старите планови за Скопје?
Констатирајќи го хетерогениот и повеќеслоен карактер на Скопје, една од најмаркантните тези на авторите е дека Скопје, урбанистички и архитектонски не успеа да стане целина. Постои видлива поделба на етничките заедници и сегрегација во урбаниот простор со реката Вардар како природна и историска граница. Историски, Генералниот план на Кензо Танге за реконструкција на центарот на градот не успеал да ја преобрази оваа линија на поделба, во простор за заедништво отворен за секој граѓанин на Скопје. „Нуклеусот“ на Танге, јасно одредената зона покрај речниот брег со бројни јавни функции, само делумно била реализирана и се претворила во бафер зона во поделениот град, ничие и сечие не-место. Намерата границата да се претвори во жив простор за размена се умножила во многу точки на поделба. Резултатот од тоа е фрагментиран простор со широк опсег на различни функции една до друга: илегална, неформална, напуштена, прифатена, репрезентативна.
Проследувајќи го историски неуспехот на урбаната визија од шеесетитте, авторите сметаат дека во денешно време властите наместо да ги поправат неуспесите од минатото дури и го продлабочуваат јазот. Втора голема тема во книгата е многустраната анализа на современиот урбанистички тренд во Скопје и создавањето на тековниот целосен план, за првпат по земјотресниот. Актуелното урбанистичко планирање е водено од силната идеја да се создаде идентитет кој се заснова врз еден цел опсег од западни модернистички митови: од конструкција на потеклото во времето на Александар Велики, преку спротивставување на османлиското влијание, до целосна верба во комерцијализацијата. Парадоксално, повторените обиди да се создаде посебен идентитет и конечно да се заврши европеизацијата во себе носат опасност да ја забрзаат поделбата на градот, а не да ја комплетираат. Желбата да стане целина води кон внатрешно раскинување на градот, сметаат Мијалковиќ и Урбанек.