Град Скопје денеска ја презентираше Програмата на активности од областа на заштитата на животната средина и природата на подрачјето на главниот град за 2019 година. „Минатогодишниот буџет за животна средина на Град Скопје беше дотогаш најголемиот буџет издвоен за оваа намена. За 2019-та се предвидени 186,2 милиони денари што е 30% зголемување од минатата година“, изјави Никола Наумоски, раководител на Секторот за поддршка на градоначалникот. Во претстојните 12 месеци ќе се издвојат финансиски средства за проекти за заштита на амбиенталниот воздух, почвите, водите, како и за заштита од бучава и отпад.
Градските власти информираат дека изработените акциони планови и студии во текот на минатата година покажале зголемен еколошки дефицит на Скопје, но и серија на опасности што ги носи тој. Главниот град е ранлив на опасност од поплави, има високо ниво на подземни води, нецелосна подвоеност на фекалната и атмосферската канализација, појава на ерозија и свлечишта на земјиштето, појава на топлотни бранови и топлотни острови во градот, трусно подрачје и опасност од технолошки катастрофи. Врз основа на изготвените документи, Градот Скопје се обидува да финансира активности од областа на заштитата на животната средина и природата, со кои годинава би се овозможило ублажување или надминување на констатираните опасности.