Вториот по ред Меѓународен саем за транспорт и логистика денеска беше отворен на Скопскиот саем. Преку 30 домашни и странски компании од транспортно – логистичкиот сектор во наредните три дена на површина од 4.000 метри квадратни изложбен простор ќе ги претстават своите услуги пред посетителите, а во рамките на манифестацијата се планирани трибина и презентации на неколку компании. Во текот на денот се одржа тркалезната маса на тема „Актуелни состојби и неопходни мерки за зголемување на конкурентноста на македонскиот транспорт и логистика во однос на соседните земји и пошироко“. Фирмите кои земаат учество на саемот се согласни дека државата треба да вложува многу повеќе напор во довршување на паневропските коридори кои минуваат низ нашата земја, истовремено поздравувајќи ја иницијативата за комплетирање на патниот Коридор 10.
Кире Диманоски, директор за маркетинг и продажба на Македонски железници – Транспорт предвидува зголемување на железничкиот сообраќај во претстојниот период, по големиот пад на превозот на стоки во изминатите две години. Тој истакна дека намалувањето на транспортот било најголемо во претходната година, како и во почетокот на годинава, во месеците јануари и февруари, но во претстојниот период се очекува пораст на товарниот превоз, на база на предвидувањата за зголемување на економскиот раст во Европа. Во рамки на зацртаните активности за утрешниот ден, закажана е трибина на тема „Можности за енергетски заштеди во транспортниот сектор“, а за претстојните два дена се предвидени презентации на услугите на Солунското пристаниште, Македонски железници – Транспорт и СИЗ Македонија сообраќај.