Вечерва беше свечено отворен „Skopje City Mall“ [»мапа], кој со својата бруто површина од 90.000 метри квадратни го презема приматот на најголем трговски центар од затворен тип во државава. Домашната „Fashion Group“ и „Balfin Group“ од Албанија во него вложија над 100 милиони евра и очекуваат околу 7,5 милиони посетители во првата година на работење. Централниот дел на објектот го сочинуваат околу 150 продавници и два импозантни ходници кои креираат кружно движење на посетителите, а во комплексот спаѓа и катна гаража со 1.300 паркинг места. Од вкупната површина на „Skopje City Mall“, 39.000 метри квадратни се наменети за издавање (GLA).
Според инвеститорите, трговскиот центар ќе вработува околу 2.000 лица. За прв пат во Македонија свои продавници отворија брендовите на „Индитекс“ групацијата – Зара (Zara), Бершка (Bershkа), Масимо Дути (Massimo Dutti), Пул енд Бер (Pull & Bear) и Страдивариус (Stradivarius), како и францускиот ланец на супермаркети Карфур (Carrefour), кој според прометот е прв во Европа и втор на глобално ниво. Само хипермаркетот на Карфур ќе обезбеди вработување за околу 250 лица. Закупци во „Skopje City Mall“ се и и-Стајл (iStyle), Афтершок (Aftershock), Литл Буда (Little Buddha), Ворлд оф аксесорис (World of Accessories), Бланко (Blanco), Ив Роше (Yves Rocher), Алдо (Aldo), Урбан џангл (Urban Jungle)… Австрискиот кинооператор Синеплекс (Cineplexx) со своето 3Д кино се очекува да започне со работа во ноември.
Проектот за „Skopje City Mall“ е изработен од страна на тексашката „Laguarda.Low Architects“ и домашната „ДСЦ Дизајн“. Главен изведувач беше „Торус Инженеринг“. На изградбата на објектот речиси во континуитет работеа по околу 1.000 работници, а на моменти се вградуваа и по 1.000 метри кубни бетон дневно. Покрај директните градежни активности, во проектот индиректно се вклучи и Град Скопје. За потребите на „Skopje City Mall“ Градот го дислоцираше буичниот канал во Карпош 3, а исто така изврши проширување на улицата Манапо, која ќе претставува главен пристап до трговскиот центар.
» Форумска дискусија за овој проект
Споредба на затворени трговски центри во државава, според вкупната површина (GBA) и според површината за издавање (GLA):
Skopje City Mall
– 90.000 m2 GBA
– 39.000 m2 GLA
Vero Center
– 40.000 m2 GBA
– 10.600 m2 GLA
Palma Mall Tetovo (во изградба)
– 32.000 m2 GBA
– 15.200 m2 GLA
Ramstore Mall
– 25.000 m2 GBA
– 14.500 m2 GLA
Галерија од отворањето: