Претходна статија
Две причини го кочат пуштањето во употреба на автопатот Демир Капија - Смоквица
Следна статија
Конечно се најде изведувач за првиот затворен базен во училиштата во Карпош

„Скопје 2014“ се градело, обврските за плаќање оставени на новата влада

Објавено на 20.07.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Претходната влада градела нови театри, споменици и концертни сали, но плаќањето за нивната изградба го оставила на терет на новата влада. Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска излезе со детални информации за вкупниот долг на државата. Заклучно со 31 мај годинава, државата должи 22 милијарди денари, односно 363 милиони евра. Во овие бројки влегуваат долговите на буџетските корисници и фондови, јавните здравствени установи, јавните претпријатија основани од Р.М., општините и општинските јавни претпријатија.

 

Во делот на буџетските корисници и фондови, најголем долг од над 2,4 милијарди денари е регистриран кај дејностите од културата. Во оваа ставка влегуваат изведените, но неплатени обврски за изградбата на новиот објект на Македонската филхармонија во Скопје, објектот на Мајка Тереза на плоштадот „Македонија“, идното здание на Драмскиот театар и новата зграда на Театарот во Велес. Изградбата на објектот на Македонска филхармонија чинеше речиси 40 милиони евра, но на крајот на мај останале неплатени околу половина од овие средства. Неплатени побарувања има и за изградбата на Театарот во Велес, кој беше пуштен во употреба пред три години. Исплатата на изведувачите на работите се развлекувала до денес.

 

*Филхармонијата „свири“ неплатени обврски; Фото: Отворањето на објектот на Македонска филхармонија

 

Вториот објект од проектот „Скопје 2014“ – обележјето на Мајка Тереза на плоштадот „Македонија“ се соочува со долгови, иако градежните работи се незавршени. За оваа спомен обележје досега се издвоени над 5,6 милиони евра. Драмскиот театар во Скопје со години наназад очекува нов објект за одржување на театарските претстави, а договорот за негова изградба беше потпишан годинава непосредно пред промената на власта. За ова театарско здание досега се потрошени над 10,7 милиони евра од државниот буџет, се наведува во базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“.

 

Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека прикажаните долгови од 363 милиони евра треба да се земат со резерва, бидејќи тој смета дека оваа сума не е конечна. „Дозволете да ја информирам јавноста дека Министерството за финансии во моментов договара со Светска банка проект за справување со овие обврски и развивање на механизми за нивно спречување во иднина“ изјави министерот Тевдовски.

 

 

» Форумска дискусија за „Скопје 2014“