Со 10 милиони денари од буџетот на Град Скопје ќе се субвенционира купувањето печки за греење на пелети од страна на граѓаните. Градската власт денеска го распиша вториот јавен повик, на кој граѓаните ќе можат да ги поднесат своите пријави заклучно со 13 март. Проектот на индивидуите ќе им обезбеди поврат на средства во висина од 70%, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок. Откако ќе купат ново грејно тело, граѓаните ќе треба да поднесат барање за поврат на финансиските средства, заедно со доказ дека е извршена набавката на печката за греење на пелети.
„Град Скопје апелира до потенцијалните учесници на јавниот повик пред поднесувањето на документацијата внимателно да ги прочитаат начинот, условите и критериумите за учество, па потоа со целосно комплетирана документација, согласно со правилата да поднесат барање за надоместок на дел од трошоците“ посочуваат од градската администрација. Објавениот јавен повик за граѓаните е достапен на веб-страницата на Градот Скопје.
Ова е втор јавен повик за надоместок на трошоци за набавка на печки на пелети. Првиот беше објавен минатата година и беше субвенционирана набавката на печки на 196 граѓани, при што Градот Скопје за овој проект имаше обезбедено 5.896.000 денари.