Претходна статија
Пругата од Коридорот 8 ќе биде готова до 2021 година
Следна статија
Скопски „Бетон“ очекува пад на добивката во 2013 година

СК Ретровизор – десет новинарски дела кои ги истражуваат капиталните проекти во Скопје

Објавено на 15.03.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#На кoj начин се трошат јавните пари преку политиките што ги водат македонските властодршци? Невладината организација „Плоштад Слобода“ успешно ја реализираше идејата за детално истражување на капиталните проекти кои што во изминативе неколку години се реализираа во главниот град. Тим од десет македонски новинари изработи десет филмски трудови, кои на директен или индиректен начин се поврзани со проектот „Скопје 2014“. Во изминативе неколку недели се организираа три проекции на истражувачките остварувања во просториите на Чаршиската Книжарница во Старата скопска чаршија. Никола Наумовски од „Плоштад Слобода“ вели дека главната идеја на организаторите била на новинарите да им се овозможи поцеловито да ги третираат сите аспекти од владиниот проект за преуредување на централното градско подрачје на Скопје.

 

„Седум од изготвените филмови се однесуваат на „Скопје 2014“, додека три се поврзани со периферни теми кои може да се поврзат со овој проект, но и не мора. Знаевме дека нема пристап до информации за новинарите при истражувањето на оваа тема, и затоа се решивме да ги најдеме новинарите кои работеле на „Скопје 2014“ и да им пружиме поддршка за да направат филм за некој тесен аспект од „Скопје 2014“, истакнува Наумовски. Од „Плоштад Слобода“ се надеваат дека луѓето што ќе ги погледнат филмовите ќе се убедат во аргументите што ги нудат. Делата на десетте новинари ќе се преведат на англиски и на соседните јазици и наскоро ќе се објават во дел од македонските медиуми. Финалните творби од СК Ретровизор ќе можат да се погледнат и на YouTube.

 

Во обемниот проект учествуваа новинари од неколку македонски медиуми. Бојан Стојановски во филмот „Зеленилото во Скопје“ ги истражува уништувањата на зеленилото во градот во изминативе години. Новинарката Мери Јордановска се насочува кон политичките и уметничките автори на проектот „Скопје 2014“, додека постапката на изградба и финансирањето на „Порта Македонија“ и „Воин на коњ“ ги разработува Деспина Трајковска. Трошоците за одржување на објектите и спомениците од владиниот проект ги открива Жарко Настоски преку неговиот филм „Одржувањето на Скопје 2014“.

 

Харалд Шенкер во делото „Сликата на неквалитетниот дискурс“ ги анализира грешките во изведбата на скулптурите и зданијата од „Скопје 2014“. Новинарката Зорана Гаџовска ја истражува праксата на потпишување анекси на договорите за јавни набавки при изградбата на капиталните проекти во Скопје, а Владимир Апостолов се занимава со увозот на половни возила од странство и неговото влијание врз сообраќајот во градот, паркинзите и катните гаражи. Предраг Петровиќ го изработи делото „Генетски инженеринг“, во кое ги елаборира јавните политики во однос на менувањето на фасадите и ликот на знаменитостите во метрополата. Љубиша Арсиќ ја истражува врската меѓу инцидентите во Скопје предизвикани од исклучивоста на јавните политики, додека Александар Димитриоски во сторијата „Крвотокот на градот“ се бави со набавката на двокатни автобуси за јавниот транспорт во Скопје.