Претходна статија
Крива Паланка за осум месеци ќе добие реконструирана водоводна мрежа
Следна статија
Парите за „Скопје 2014“ пренаменети за капитални проекти во општина Центар

СЈО отвори истрага „Актор“ околу изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица

Објавено на 21.03.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на денешната прес – конференција соопшти дека ја отворило истрагата „Актор“ за изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица. Десет физички и четири правни лица се сомничат за злоупотреби при доделување на тендерот за изградба на делницата долга 28,2 километри. Поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот министер Миле Јанакиески се сомничат дека ја фаворизирале грчката фирма „Актор СА“ на објавениот меѓународен тендер, и покрај тоа што италијанската компанија „Тото“ доставила најповолна понуда за изградба на автопатот.

 

Грчката фирма, идентично како и италијанската „Тото“, не го задоволувала критериумот како понудувач да имаат завршено еден проект во вредност од 250 милиони евра. Поевтината понуда на „Тото“ ја отфрлиле токму поради овој услов, по што ја усвоиле поскапата понуда од грчката компанија, иако ова правно лице исто така не ги задоволило техничките критериуми. На тој начин, осомничените лица му овозможиле на „Актор СА“ да прибави значителна имотна корист во износ од 480.412.974 денари.

 

Дополнително, СЈО во новоотворената истрага се сомнева и за перење пари што се спроведувало преку четири компании при самата изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица. Во повеќе наврати во периодот од 2012 до 2016 година биле исплатени износи од сметките на Актор АДТ Подружница Скопје кон сметките на правните лица Глобал Констракшн Компани, Топометрија и Инвикта во вкупен износ од 31.856.811 евра.

 

Грчкото обвинителство уште во 2017 година ја започна постапката против фирмата „Актор“ за перење пари во висина од 50 милиони евра при изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица. Тамошната постапка е покрената врз основа на спроведената истрага од Европската канцеларија за борба против измами – ОЛАФ.

 

Од партијата ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со соопштение, во кое се вели дека Катица Јанева и СЈО продолжуваат да конструираат случаи без никаква правна основа. Отворената истрага „Актор“ ја гледаат како обид за дефокусирање на јавноста од „целиот хаос што се случува во државата“. И осомничениот Никола Груевски денеска изјави дека СЈО не можела да отвори толку многу истраги, колку што Заев можел да направи глупости.