Гасоводната инфраструктура ќе постане неизбежна при проектирањето и изградбата на новите објекти во земјава. Владата достави до Собранието измени и дополнувања на Законот за градење, со кои се предвидува секој нов објект да поседува приклучок за гас. „Со новиот предложен член 11-а се пропишува дека градбата треба да биде проектирана и изведена со приклучок за гасоводна инфраструктура. На овој начин ќе се овозможи сите нови градби да бидат подготвени за процес на гасификација, односно новите градби да можат да бидат непречено приклучувани на гасоводната мрежа“, објаснуваат од Министерството за транспорт и врски.
Македонската влада периодов трага по приватен партнер за изградба, одржување и управување со гасоводната дистрибутивна мрежа во скопскиот регион. Ако успешно се одвива јавно – приватното партнерство од овој крупен проект, дел од гасоводната инфраструктура во главниот град би била пуштена за користење веќе во 2016 година. Покрај во Скопје, приклучувањето кон веќе изградената гасоводна мрежа веќе втора година по ред успешно се одвива во Куманово и во Струмица.