Градежната фирмаа „Бетон“ од Штип во првите девет месеци од годинава оствари финансиска добивка од редовното работење во висина од 4.758.000 денари или околу 77.000 евра. Оваа фирма остварила зголемување на профитот за дури девет пати во споредба со остварената добивка од истиот период лани. Во денешното соопштение на Македонската берза, менаџментот на штипски „Бетон“ наведува дека причина за зголемената добивка е добрата организација на работата и учеството на сите вработени.
Оттаму ги обелоденуваат и другите резултати од работењето во последните месеци. „Оперативните приходи во ова тромесечје се 291.988 илјади денари и истите бележат пораст од 33% во однос на истиот период во 2012 г. каде оперативните приходи изнесуваа 218.693.000 денари“. Воедно, оперативните финансиски расходи во изминатиот период од 2013 година достигнале 285.849.000 денари и во однос на истиот период од 2012 година се зголемени за 31%.
Градежната фирма „Бетон“ од Штип е еден од изведувачите на владиниот проект „Скопје 2014“. Таа беше вклучена во различни фази од реализацијата на Стариот театар, Археолошкиот музеј и музејскиот комплекс „Македонска борба“, а допрва ќе треба целосно да ја реализира реконструкцијата на Кејот на реката Вардар во строгиот центар на Скопје. Кон крајот на минатата година, преку три блок трансакции на Македонската берза се смени сопственичката структура на ова акционерско друштво.