По реализираните три етапи за уредување на коритото на реката Отиња во Штип во текот на претстојните месеци ќе се работи и на четвртиот сегмент од мостот кај црквата „Свети Никола“ до објектот во кој е сместен Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“. Јавното претпријатие „Исар“ паралелно ќе работи и на изведување на речното корито, на потегот од градскиот театар до полициската станица. Рокот за комплетирање на градежните работи ќе зависи од временските прилики во наредниот период.
* Извор на фотографија: Општина Штип
Општина Штип во изминативе три години работи на целосно уредување на коритото на реката што минува низ центарот на градот. Најпрво беше реализиран делот од Камениот мост до мостот кај Стопанска банка, а потоа и сегментот од Камениот мост до мостот кај гимназијата. Минатата година беа комплетирани работите и на потегот до црквата „Свети Никола“. Целиот простор е хортикултурно уреден, а во речното корито беа изведени пешачки патеки и беа поставени клупи и друга урбана опрема.
Вкупно коритото на Отиња во градот е долго околу 1,7 километри. Од штипската локална самоуправа се надеваат дека може да се уреди целиот простор, вклучувајќи го и петтиот сегмент од почетокот на коритото кај Ј.П. „Исар“.