Делегација на Светската банка денес имаше работна посета на Општина Штип во врска со проектот за централното градско подрачје кој опфаќа изградба на паркинг платформи и уредување на коритото на реката Отиња. На состанокот беше разгледан напредокот околу обезбедување на потребната документација и утврдување на понатамошни активности околу барањето на кредит за овој проект. Градоначалникот на Штип, Зоран Алексов, изрази оптимизам дека Светската банка за неколку месеци ќе излезе со позитивен одговор, по што би можело веднаш да отпочне реализацијата на проектот. Општината планира да земе кредит од 2 милиони евра со рок на отплата од 10 години и грејс период од 3 години, а средствата за враќање ќе се обезбедат од наплата на паркинг просторот.
Проектот предвидува дел од коритото на реката Отиња да се преуреди во паркиралишта со вкупен капацитет за 200 возила. Со тоа би се ублажил недостатокот на паркинг простор во центарот на градот и сообраќајниот хаос воопшто. Проектот на јавноста за прв пат и беше презентиран на јавна трибина во ноември 2009 година. Тогашните симулации покажаа дека Општината ќе може да го враќа кредитот со наплата за паркирање од 20 денари за час.