Претходна статија
За „Скопје 2014“ досега потрошени над 600 милиони евра
Следна статија
1 септември - датум за отворање и ветување на нови училишта

Шпански скали сепак ќе се градат на плоштадот „Македонија“

Објавено на 31.08.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Советот на Град Скопје ја изгласа предлог одлуката за изградба на Шпански скали на плоштадот „Македонија“, а претходно Општина Центар издала градежна дозвола за барокниот објект кој треба да го гради албанската фирма „Амадеус“. Трошокот за изведба на скалите ќе падне на товар на албанската фирма, која во октомври 2013 година за околу 1,6 милиони евра ја купи градежната парцела во строгиот центар на градот, на која ќе никне објектот во чиј состав всушност беа предвидени скалите. Од опозициската партија СДСМ денеска жестоко се спротивставија на ваквиот чекор на градските власти. Тие сметаат дека албанскиот инвеститор во текот на февруари 2015 година бил ослободен од плаќање комуналии, за да прифати од сопствени средства да ги гради шпанските скали, иако површината на која тие треба да се градат е под надлежност на Градот.

 

 

 

„На седницата на Советот на Скопје, во февруари 2015 година, владејачкото мнозинство донесе одлука за ослободување на инвеститорот „Амадеус Груп“ од плаќање на комуналии за барокна зграда на плоштад „Македонија“ во вредност од 150.000 евра. Уште тогаш предупредувавме дека се работи за државен рекет, односно дека многу брзо од инвеститорот ќе биде побарано да го компензира ослободувањето со градба на т.н. Шпански скали на негова сметка“ изјави Дамјан Манчевски, координатор на советничката група на СДСМ. Наместо со реакција на обвинувањата изнесени од Социјалдемократскиот сојуз, од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со долга листа на проекти и бројки за сето она што е изградено во главниот град и на територијата на целата земја од 2006 година до денес.

 

Новата зграда на плоштадот ќе биде висока 16 метри и ќе има приземје и три ката. Во нејзини рамки е предвиден простор за деловни и комерцијални намени. Идејното решение го обезбеди и го наложи Министерството за транспорт и врски, без притоа да биде објавен неговиот автор. Според идејното решение, освен скали кон плоштадот, од двете страни на главниот влез ќе има скулптури на кочии влечени од коњи, а на покривот, на фасадата и околу скалите ќе има и бројни други скулптури.