Ќе го добие ли Скопје долговетуваниот Јужен булевар? На ова прашање Градот Скопје упорно избегнува да одговори во изминативе неколку дена, иако станува збор за еден од најзначајните капитални проекти во главниот град. Турската компанија „Лимак“ го купи градежното земјиште на кое се наоѓа трасата на Јужен булевар уште пред шест години, но и ја презеде обврската за да го изгради овој булевар со сопствени средства. Скопската градска администрација во март 2012 година го потпиша договорот со којшто се уредуваат односите за изведба на подземната сообраќајница во согласност со ДУП – от „Стара железничка станица“. Шест години подоцна, на оваа локација не е изградена подземната траса на Јужниот булевар.
„Прво ќе се гради булеварот, а потоа и објектите што ќе никнат над него – објекти за колективно домување, трговски и деловни центри и хотели“ изјави поранешниот градоначалник Коце Трајановски на потпишувањето на договорот со турски „Лимак“. Наспроти ваквата изјава, во изминативе неколку месеци се оградени неколку парцели околу самата траса на Јужниот булевар, а почнати се и градежни работи на барем три локации во непосредна близина на идната подземна траса. На местото на некогаш планираниот хотел „Радисон Блу“ се одвиваат градежни работи за издигнување на надземен комплекс, додека на соседната парцела се гради деловен објект во кој како инвеститор се јавува „Елан Пропертис ДООЕЛ“ од Скопје.
Што се случува со обврската за изградба на подземната траса на Јужниот булевар е прашањето што го поставивме до Град Скопје на 12 април. И по четири дена, од градската администрација нема одговор на прашањата поставени од „Билд“. Меѓу нив, поставени се прашањата за тоа кога ќе започне изградбата на подземната сообраќајница во должина од 800 метри. Воедно, неодговорено останува и прашањето за тоа до каде е изработката на основниот проект, основниот сообраќаен проект и инфраструктурниот проект за подземната траса на Јужниот булевар. Градот Скопје започна да ја изработува проектната документација за Јужниот булевар дури во 2017 година, иако договорот со турски „Лимак“ беше потпишан пет години претходно.
Конечно, градската администрација не дава ниту одговор за меѓусебната координација помеѓу Град Скопје и турската компанија „Лимак“ околу изградбата на Јужниот булевар. Овој капитален проект за Скопје е предвиден при изработката на урбанистичката документација веднаш по земјотресот од 1963 година, но до денешен ден остана нереализиран. Ако не се заврши подземната траса на Јужниот булевар, Градот Скопје е пред сериозна опасност да го колабира во целост сообраќајот во централното градско подрачје во наредните години.
Градските власти веќе го напуштија проектот за изградба на тунелот под плоштадот „Македонија“. Ако се заборави и обврската за изградба на Јужниот булевар, тогаш улицата Димитрие Чуповски (Рекорд) ќе остане единствената врска во правецот исток – запад на овој град од 700.000 жители. Со ваквата „славна“ стратегија, Скопје ќе може да ѝ се придружи на Приштина на самото дно на европските градови според степенот на изграденост на урбани автопати.
Текст, фото: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk