Сношти во Музејот на Град Скопје се одржа доделувањето на Големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2013 година. Најдобар објект и добитник на годишната награда на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) е деловниот објект „Сектрон“ кој се наоѓа на ул. Васил Ѓоргов бр.5 во Скопје. Проектот е дело на Јана Гугуловска Ѓорѓевиќ (проектант) и Билјана Филиповска (консултант) од архитектонското биро „Студио 2000“. Изведувач на градежните работи беше „Никоб Инженеринг“.
Во образложението на комисијата која ги разгледуваше пристигнатите проекти се вели дека објектот „Сектрон“, во услови на сложени просторни можности на локацијата, има успешно решение на поливалентноста на внатрешниот простор и со складна употреба на стакло и алуминиум се постигнува комплетно обликување на на објектот.
Признанија беа доделени и на објектите кои беа влезени во потесен избор за награда: Станбено – деловниот објект „Боними“ на „Луна Корпорација“, индивидуална станбена куќа „Р“ во скопската населба Црниче и Градскиот пазар за земјоделски и услужни дејности во Пробиштип. Доделувањето на наградата го организира Асоцијацијата на архитекти на Македонија, во рамки на традиционалната новогодишна средба на архитекти. Големата годишна награда беше доделена по 37-ти пат, а истата претставува преглед на архитектонските дела во тековната година и валоризација на најуспешното достигнување во архитектурата. Традиционален покровител на наградата е Претседателот на Република Македонија.