Селото Орешани во општина Зелениково станува нова дестинација за инвестирање во скопскиот регион. Министерството за транспорт и врски денеска распиша оглас за продажба на 23 градежни парцели за изградба на комерцијални и деловни објекти, лесна и незагадувачка индустрија, стоваришта и бензинска станица. На понуда се парцели со површина од 1.776 до 6.406 метри квадратни, а вкупната површина на земјиштето што е на продажба изнесува 69.414 метри квадратни. Идните објекти во Орешани ќе може да имаат приземје и најмногу два ката.
Почетната цена на земјиштето на кое ќе се реализираат комерцијални и деловни зданија е 250 денари за метар квадратен, парцелите за индустриските објекти се продаваат по цена од 61 денари за метар квадратен, а локацијата за бензинската станица по 130 денари за метар квадратен. Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите пријави за учество на електронското јавно наддавање најдоцна до 20 февруари, а самата лицитација ќе се одржи на 25 и 26 февруари.
Бојан Блажевски