Претходна статија
Партиите се скараа за натамошниот развој на Универзална сала
Следна статија
Критична маса #46: Ја поседуваш колата, а не патот

Седма година ветувања за изградба на нов објект на Драмски театар

Објавено на 20.02.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Државата се откажа од идејата за склучување на јавно – приватно партнерство при изградбата на нов објект на Драмски театар. Најавеното ново здание во скопската населба Карпош 2 ќе се гради со финансиски средства од државниот буџет. По седум години минати во подготовки и промени на плановите, Министерството за култура денеска го објави тендерот за избор на градежна компанија што ќе го издигне новото театарско здание на местото на постојниот објект изграден во далечната 1965 година. Проценките на надлежното министерство говорат дека изградбата на идниот објект ќе чини 625.423.729 денари, или нешто над 10 милиони евра без вклучен ДДВ.

 

 

 

Во согласност со најновите измени во ДУП-от за населбата Карпош 2, со вцртаната маркичка се предвидува изведба на театарско здание со максимална висина од 35 метри. Новиот Драмски театар ќе се гради на градежна парцела со површина од 4.153 метри квадратни. Со претстојниот зафат ќе се изгуби паркот и угостителскиот дел од предната страна на објектот, но затоа пак ќе се оформи надземен паркинг од спротивната страна. Според податоците од Бирото за јавни набавки, времетраењето на договорот за изградба на новиот објект на Драмски театар ќе изнесува 36 месеци. Рокот за доставување на понуди од градежните компании истекува на 4 април.

 

Новиот Драмски театар ќе се гради врз основа на победничкото идејно решение на авторите Емил Јегени, Елена Икономов, Јасна Милојковиќ и Билјана Стојменовска од студиото „Платформа“. Архитектонскиот труд беше избран уште во текот на 2009 година. Основниот проект за ова театарско здание го изготви фирмата „Монтимпекс – Инженеринг“, која кон крајот на минатата година направи измени во проектната документација. Надлежното министерство во декември 2014 година проба да најде приватен партнер за изградба на новата зграда, но обидот заврши без успех.

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk