Градежните компании сметаат дека нивната финансиска состојба се подобрила во второто тримесечје од 2011 година во споредба со првиот квартал од 2011 година и во однос на истиот период лани. Според податоците на Државниот завод за статистика, претпријатијата од овој сектор како поповолна ја оценуваат сегашната состојба со порачки во однос на претходниот квартал и во споредба со второто тримесечје од 2010 година. Градежниците очекуваат дека состојбата со бројот на вработени ќе биде поповолна во наредниот период, а негативна оценка даваат за бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата со која ги вршат градежните активности. Раководителите на деловните субјекти во градежништвото очекуваат намалување на продажните цени и зголемување на договорите за работа во наредниот период.
Статистичарите утврдиле дека деловните субјекти во градежништвото и понатаму најмногу се жалат на побарувачката за нивните производи и услуги, зголемените трошоци за материјали, недостигот на опрема и конкуренцијата во сопствениот сектор. Во вториот квартал од 2011 година, недостигот на побарувачка предничи со 19% од ограничувачките фактори за подобрување на градежната активност, а високите трошоци за материјали се негативен фактор за подобрување на состојбата за 18,2% од деловните субјекти во овој сектор. Поради зголемената работа, во вториот квартал од 2011 година градежниците позначително се жалат и на недостигот на опрема (13,3%), а како растечко ограничување за градежниците се и зголемените трошоци за камати, кои претставуваат ограничувачки фактор за подобрување на градежната активност за 10,8% од градежните компании.
Бојан Блажевски