Дебарско – кичевската епархија на Македонската православна црква деновиве го привршува уредувањето на предворјето од манастирскиот комплекс „Свети Наум“ во Охрид. Досегашниот сообраќаен метеж и несреденост пред влезот на овој важен културно – историски споменик се надмина со реализираните градежни активности во изминатите неколку месеци. Просторот пред манастирот е ограден и е изведена нова влезна капија која ги пречекува посетителите, додека сообраќајот во рамките на манастирскиот комплекс е ограничен со хидрауличен столб, со што возилата можат да се паркираат единствено на паркингот пред влезот во комплексот.
Како дел од зафатот беше изграден јавен тоалет, беа поставени десетина дрвени типизирани продажни објекти, изградена е фонтана и нови пешачки патеки, а целокупниот простор е хортикултурно уреден со нови дрвца и цвеќиња. Во претстојниот период ќе се уреди и плажата во рамките на манастирскиот комплекс. Финансиите за зафатот ги обезбеди Дебарско – кичевската епархија.