Градот Скопје ја започна реконструкцијата на улицата Брадфордска во општина Карпош. Сообраќајницата ќе се обнови на потегот од крстосницата со булевар Митрополит Теодосиј Гологанов до крстосницата со улица Козле, во должина од 200 метри. Покрај коловозот, со градежниот зафат ќе биде реконструиран и тротоарот. „Очекувам во наредните денови да се интензивираат градежните активности и до крајот на месецот да имаме целосно реконструирана и побезбедна улица за сите учесници во сообраќајот“ истакна скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Реконструкцијата на улицата Брадфордска ќе чини околу 5,3 милиони денари, обезбедени од буџетот на Град Скопје. Градските власти во претстојната градежна сезона планираат да обноват повеќе булевари и улици низ сите скопски општини, за што веќе се распишаа неколку тендерски постапки.