Започна реконструкцијата на главниот охридски булевар „Туристичка“. Денес, увид во текот на градежните работи извршија министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и в.д. градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски. „Булеварот кој веќе подолги години беше во очајна состојба, претставуваше грда слика за градот“, изјави градоначалникот Константин Георгиевски.
*Извор на фотографија: Општина Охрид
Надлежните власти очекуваат градежните работи да бидат целосно завршени пред почетокот на летната сезона, со што Охрид би добил репрезентативен булевар што ќе го подобри функционирањето на сообраќајот. Покрај главната сообраќајница, со помошта на Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта во моментов во регионот на Охрид се реконструираат патишта во должина од 18,2 километри. Во тендерска постапка е и изработката на проект за реконструкција на патниот правец Охрид – Свети Наум.