Стручните екипи на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп работат на конзервација и санација на црквата „Св. Никола“ во мариовското село Манастир. Во рамките на проектот интензивно се работи на конзервација на фрескоживописот, како и на конструктивна консолидација на темелите при што ќе се извршат и археолошки истражувања на оваа црква. Со материјална поддршка на Министерството за култура, пред отпочнувањето на санациониот проект е изработена и студија за конзерваторско – реставраторските зафати во објектот. Причината за реализација на проектот лежи во потребата од адекватна заштита и презентација на овој значаен споменик на културата од XI до XIII век.
Црквата „Св. Никола“ во селото Манастир била изградена во 1095 година, а денешниот изглед го добила во 1266 година. Според архитектурата, таа претставува трикорабна базилика и е еден од најзначајните споменици на културата од византискиот период кој содржи извонредни фрески, какви што се „Св. Богородица со ангелите“ и „Св. Никола“. Се работи за многу редок тип сликарство, кој е застапен само во црквата во Курбиново и во „Света Софија“ во Охрид.