Локалната самоуправа од Демир Капија се одлучи да понуди на продажба 44 локации за изградба на мала и незагадувачка индустрија, откупно – дистрибутивен центар и објекти за индивидуално домување во месноста Попова Кула и селата Дрен и Корешница. На домашните и странските инвеститори на располагање им стои земјиште со површина од 36.588 метри квадратни наменето за откупно – дистрибутен центар, 25 локации со големина од 930 до 10.511 метри квадратни за изведба на индустриски капацитети и 18 парцели за изградба на куќи. Вкупната површина на понуденото земјиште изнесува 105.315 метри квадратни.
Почетната цена на парцелите наменети за мала и незагадувачка индустрија во Попова Кула и за откупно – дистрибутивниот центар во Корешница е 61 денари за метар квадратен, додека минималната вредност на останатото земјиште е проценета на 150 денари за метар квадратен. Пријавите за учество и потврдите за уплатен депозит треба да се достават од заинтересираните субјекти до општина Демир Капија најдоцна до 15 ноември. Електронското јавно наддавање ќе се одржи на 25 ноември. По успешното завршување на процесот на продажба, инвеститорите ќе бидат должни да обезбедат одобрение за градба во рок од девет месеци.