Министерството за транспорт и врски објави оглас за оттуѓување на државно градежно земјиште со намена за изградба на откупно – дистрибутивен центар за свежо овошје и зеленчук во Валандово. Парцелата што ја нуди надлежното министерство се простира на површина од 77.981 метри квадратни, а новиот инвеститор ќе може да го гради објектот на површина од 20.365 метри квадратни со максимална висина до 15 метри. Вкупната почетна цена на земјиштето што ќе се понуди на електронско јавно наддавање изнесува 8.577.910 денари, поточно 110 денари за метар квадратен.
Најповолниот понудувач ќе треба да обезбеди одобрение за градење во рок од 12 месеци, при што објектот ќе треба да го изгради во временски период не подолг од 6 години од денот на добивањето на дозволата. Заинтересираните субјекти ќе може да ги достават пријавите за учество на јавното наддавање до 12 април, а истото ќе се одржи на 19 април. Продажбата на државно земјиште за изградба на објекти од овој тип на 25 локации низ Македонија беше најавена од страна на Министерството за транспорт и врски во декември минатата година, а неколку градежни парцели веќе се купени од страна на заинтересирани инвеститори.