Локалната самоуправа од Македонски Брод објави оглас за продажба на градежно земјиште за изградба на четири фотоволтаични електрани на територијата на оваа општина. На инвеститорите им се нудат парцели со површина од 17.912 до 28.257 метри квадратни, или вкупно 87.400 метри квадратни. На неизграденото земјиште тие во иднина ќе треба да инсталираат соларни панели за искористување на сонцето во производство на електрична енергија. Заинтересираните компании треба да ги достават пријавите, заедно со доказ за уплатен депозит за учество на електронското јавно наддавање, најдоцна до 7 октомври, а лицитацијата на земјиштето ќе се одржи на 10 октомври. Почетната цена изнесува 150 денари за метар квадратен. Најповолните понудувачи имаат должност да прибават одобрение за градење на соларните електрани во рок од 12 месеци од денот на солемнизација на потпишаниот договор. Доколку бидат продадени сите четири парцели, ќе биде остварен финансиски прилив од најмалку 235 илјади евра.