Претходна статија
„Carrefour“, „Inditex“ и „Cineplexx“ ќе бидат најголеми закупци во „Skopje City Mall“
Следна статија
Општина Илинден ќе продава 500 парцели за изградба на куќи

Се продава земјиште во Аеродром, купувачите ќе треба да изградат и административна зграда за општината

Објавено на 20.03.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Вистинска рашомонијада од информации на Општина Аеродром и Министерството за транспорт и врски околу продажбата на атрактивно земјиште во Реонски Центар Аеродром. Во текот на денешниот ден министерството и општината излегоа со различни информации околу големината и бројот на градежните парцели и временскиот период за доставување на пријавите и продажбата на земјиштето, кое двете институции го поврзуваат со обврска на купувачот да изгради административна зграда за Општина Аеродром.

 

Според податоците на Општина Аеродром, распишан е оглас од надлежното министерство на 25.02.2012 година, во кој се нудат три градежни парцели опфатени со ДУП „Ново Лисиче УЕ-А“, со вкупна површина од 2.640 метри квадратни или поединечна површина од 760, 930 и 950 метри квадратни, кои се продаваат по почетна цена од 5.000 денари за метар квадратен. На нив ќе можат да се подигнат објекти со приземје и кат, со вкупна висина до 7 метри. Од локалната самоуправа напоменуваат дека најповолниот понудувач на јавното наддавање ќе има обврска да изгради административна зграда и да и ја предаде на користење на општината.

 

Од друга страна, Министерството за транспорт и врски денеска објави дека исто така со почетна цена од 5.000 денари за метар квадратен се нуди една градежна парцела со површина од 4.269 метри квадратни опфатена со ДУП „Локалитет Реонски Центар УЕ-А“. Предвидената намена е за комерцијален и деловен простор, а висината на објектот може да достигне 28 метри, односно приземје и седум ката. Според објавата на министерството, најповолниот понудувач ќе има обврска да склучи договор со општината за изградба на административна зграда за нејзини потреби на соседна парцела, во согласност со проект изготвен од страна на локалната самоуправа.