Претходна статија
Наскоро ќе започне санацијата на Музејот на современа уметност
Следна статија
Цената на становите во земјава паѓа со засилено темпо

Се продава последната парцела на плоштадот „Македонија“

Објавено на 27.05.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за транспорт и врски денеска објави оглас за продажба на градежната парцела на плоштадот „Македонија“, атрактивна локација на која најпрвин беше најавена изградба на црква, а потоа Народната банка требаше да го гради своето ново административно седиште. Земјиштето со површина од 1.046 метри квадратни е наменето за изградба на објект со приземје и три ката, со бруто изградена површина од 3.780 метри квадратни. Идното здание во центарот на Скопје е пердвидено за комерцијални и деловни дејности. Почетната цена изнесува 6.000 денари за метар квадратен, а сите заинтересирани субјекти треба да платат депозит за учество на електронската лицитација во износ од 700.000 денари, но и да достават банкарска гаранција во висина од 100.000 евра за сериозност на понудата. На тендерот можат да учествуваат единствено компании што оствариле годишен обрт поголем од 30 милиони евра во текот на 2012 година. Пријавите треба да се достават најдоцна до 28 јуни, а електронската лицитација ќе се одржи на 5 јули.

 

Најповолниот понудувач е должен да изработи основен проект врз основа на идејното решение за фасадно обликување во стилот на „Скопје 2014“ подготвено од страна на Министерството за транспорт и врски, кој ќе треба да го одобри комисија од министерството, пред да се издаде одобрение за градење. Надлежното министерство пронајде начин да ја пресретне најавата на Општина Центар дека ќе изврши ревизија на ДУП „Мал Ринг“. Ако се измени урбанистичкиот план, тогаш според условите во огласот најповолниот понудувач треба да подготви основен проект врз основа на второ идејно решение за фасадата на објектот, кое повторно е изработено од министерството и ќе треба да ја помине истата процедура како во првиот случај.

 

Прво идејно решениеВторо идејно решение

 

 

Пред склучување на договорот за отуѓување, победничката компанија треба да достави банкарска гаранција во износ од 200.000 евра за навремено и квалитетно завршување на градежните работи. Објектот треба да се заврши во рок не подолг од шест години од денот на добивање на градежната дозвола. Новиот градоначалник на Општина Центар неодамна најави ревизија на донесените урбанистички планови за централното градско подрачје, но и на сите инвестиции со кои локалната власт учествувала во реализацијата на проектот „Скопје 2014“.